Почина ненадејно на 24 април 2021 година, на 81-годишна возраст, околу еден месец по вакцинирањето против ковид. Нејзината смрт го потресе светот на музиката, оставајќи огромна празнина кај сите обожаватели кои со децении ја следеа со љубов. Нејзиното последно патување се случи во нејзиниот дом во Милано, каде што живееше со нејзината секретарка Едит, и со ќерката Мартина.
Сензуална, елегантна, префинета, убава и надарена со извонредни таленти: сè ова, и многу повеќе, е дел од безвременскиот идентитет на Милва.
Родена е на 17 јули 1939 година, по потекло e од Горо, мал град во италијанската област Ферара, па оттука го носи и прекарот Пантерка од Горо. Во матичната служба нејзиното име е забележано како Марија Илва Биолкати, но на почетокот на нејзината кариера, кога настапувала во ноќните клубови во Ферара и Болоња, себеси се нарекла Сабрина. Милва е прекар што ќе дојде некое време подоцна, откако ќе победи на натпреварот за нови гласови организиран од „Раи“ во 1959 година.
Кога нејзиниот татко се соочил со економска криза, и таа придонесувала за живеачката во семејството со своите настапи. Била толку добра што често добивала огромни хонорари. Во кој локал да се појавела, младата пејачка веднаш предизвикувала воодушевување и носела голема публика.
Дебитирала во 1961 година на фестивалот „Санремо“, освојувајќи го третото место. Контроверзите, честопати сензационални, ја придружуваат целата кариера на Милва. На пример, во 1963 година, жестоко го нападнала жирито на фестивалот „Санремо“ за неуспехот да се пласира меѓу првите три победници, заколнувајќи се дека нема повеќе да стапне во салата „Аристон“. Ветувањето не го одржила. Доволен е фактот дека во текот на нејзината кариера пејачката се качила на сцената во „Аристон“ 15 пати, плус уште двапати како гостинка. Сепак, најмногу сакала да зачекори во светот на театарот, кој го сметала за помалку спектакуларен од музичкиот и телевизискиот. Но, со режисерите не успеала да изгради добар однос, туку постојано се бунтувала.
Во 1965 година црвенокосата бунтовничка стана икона на германската и француската поп музика. Поради договор со нејзината издавачка куќа, продолжила да учествува на фестивалот „Санремо“, пеејќи полесни мелодии кои брзо се прифаќале и носеле одлична заработувачка.
Трагични љубови
Шеесеттите години се исто така клучни за приватниот живот на Милва. Во 1961 година се омажила за Маурицио Коргнати, познат италијански режисер и сценарист. Се разделиле осум години подоцна, по раѓањето на нивната ќерка Мартина. Вториот партнер на пејачката, познатиот актер Марио Пјаве, бил убиен додека возел автомобил. За време на убиството, двајцата биле на пат да се разделат, но настанот длабоко ја потресол Милва. Нејзините романтични врски со филозофот Масимо Галерани и актерот Луиџи Пистили не поминаа незабележани во јавноста и беа проследени со бурни озборувања.
Во текот на 70-те години Милва, која иако ги сакаше честите телевизиски настапи, се концентрираше на театарот каде што настапуваше како вокал во повеќе прочуени опери. Беше наречена Црвената, поради нејзината црвена бујна коса, но и поради нејзината левичарска политичка ориентација што ја истакнуваше со гордост. Тоа се огледуваше и во славната песна „Бела чао“ како и во целите албуми „Песни на слободата“ и „Слобода“.
Откажување на нозете и меморијата
Пејачката ја напуштила јавната сцена поради невродегенеративна болест. Се соочила со две сериозни зла, едното ја погодило во нозете, другото во главата, предизвикувајќи ѝ сериозни проблеми со меморијата. „Работев на албумот кога се почувствував ужасно, подоцна дознав дека тоа се должи на болеста, па бев хоспитализирана – напиша Милва на Фејсбук во 2010 година. „Веќе не можев да ги употребувам нозете ниту пак меморијата. Го оптоварив здравјето поради кариерата, со години, никогаш немав денови за одмор. И моето тело ми ја врачи сметката на 71 година“. Инаку, Милва била и страсен пушач, речиси секогаш со цигара во рака.
Неодамна во италијанските медиуми се огласи ќерката на Милва: „Мајка ми Милва не умре од ковид, туку од невролошко и дегенеративно заболување што не беше Алцхајмерова болест. Патологија веројатно поврзана со интензивен живот полн со континуирани уметнички заложби и предизвици, и длабок замор“.