Бугарскиот технички премиер Галаб Донев денеска оствари средба со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу, јави дописникот на МИА од Софија.

Во текот на разговорот, премиерот Донев и претседателката Османи разговараа за прашања од заеднички интерес и потенцијалот за продлабочување на билатералната соработка.

На средбата во владината зграда беше разговарано за соработката во енергетската сфера и подготвеноста на Бугарија да разговара за конкретните можности за помош на Република Косово во однос на снабдувањето со електрична енергија.

Во контекст на актуелните предизвици за европската енергетска безбедност, бугарскиот технички премиер ја истакна желбата на Софија за продлабочување на успешна соработка со соседните и партнерските земји во енергетскиот сектор, вклучително и во спроведувањето на клучните стратешки инфраструктурни иницијативи на ЕУ за диверзификација на енергетските испораки за регионот.