Бугарските власти денеска соопштија дека компанијата „Норта Глобал“ со седиште во Софија нема никаква врска со испораката кон либанската милитантна група Хезболах на комуникациски уреди што експлодираа.

Стотици пејџери и воки-токи експлодираа низ Либан во вторникот и средата, при што загинаа најмалку 37 луѓе, а ранети се речиси три илјади.

Хезболах и неколку меѓународни медиумски организации го обвинија Израел за саботажа на електронските уреди. Израел не даде никаков јавен коментар.

-По проверките, неспорно е утврдено дека ниту една комуникациска опрема што одговара на онаа што експлодираше на 17 септември, не била увезена, извезена или произведена во Бугарија, соопшти Агенцијата за национална безбедност (САНС).

САНС во четвртокот објави дека покренала истрага откако унгарската веб-страница Телекс објави дека „Норта Глобал“, компанија регистрирана во Софија од Норвежанец, ги увезла уредите и потоа му ги доставила на Хезболах.

САНС соопшти дека компанијата и нејзиниот сопственик „не извршиле никакви трансакции поврзани со продажба или купување на стоката“ или дека „спаѓаат под законите за финансирање тероризам“.

„Норта Глобал“, која беше основана во април 2022 година од Ринсон Хозе, минатата година објави приход од 650.000 евра (725.000 американски долари) за консултантски активности надвор од Европската унија.

Според в.д. премиерот на Бугарија, Димитар Главчев, случајот не може да има влијание врз надворешната политика на Бугарија. Компанијата е во сопственост на норвешки државјанин кој никогаш не стапнал во Бугарија, изјави техничкиот премиер. Според него, нема потреба да се свика Советот за безбедност на Советот на министри.