Проекциите за државната каса за 2021 година добија завршница. По неколку дневни партиски препукувања во Собранието, без опозиција и со тешко обезбедено мнозинство се донесе Буџетот за 2021. Опозиционерите во моментот на гласањето го напуштија теренот, а пак власта во последен момент успеа да го обезбеди мнозинството. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, мораше јавно од говорница да повика тројца пратеници за да се обезбеди потребното мнозинство од 62 гласа.
„Ова е доказ за анти државното, анти народното и деструктивно однесување на опозицијата. И кога велам , мислам и на ВМРО ДПМНЕ и на Левица и на Алијанса за Албанците и Алтернатива“, истакна Јован Митревски.
Опозицијата во неколку наврати претходно реагираше дека ова е втор историски најголем буџет во историјата на Македонија, оценувајќи дека кај Власта постои нереален оптимизам.
„Има огромен оптимизам на страна на приходите кој мислам дека е нереален и кој ќе ја доведе во многу непријатна ситуација Владата а тоа е да прави ребаланси и на приходната а со тоа и на расходната страна“, додава Александар Николовски.
Можете да критикувате колку сакате, но фактите велат дека изминатите три години па дури и во услови на пандемија ние добро се справуваме, се бранеше власта. И додека партиите неколку дена беа на пинг понг релација околу донесувањето на Буџетот, експертите не забораваат и велат дека кога се носи Буџетот, секогаш се повторуваат истите квалификации и приказни на релација опозиција, власт. Тие што биле на власт, секогаш тврделе дека Буџетот е развоен и реален а опозицијата секогаш тврдела дека Буџетот е нереален и неразвоен вели поранешниот министер за финансии Петар Гошев.
„Кај нас традиционален е проблемот Власта никогаш не разговара со опозицијата за тоа на кој начин да се распоредат средствата, кој е најефикасниот начин и тоа е вградена мана во нашата политичка култура.. 02.15 Овој Буџет е изнуден буџет од нивото на јавните финансии кое што е доведено со таложење на бројни субјективни грешки од минатото и од дополнителната шок ситуација од здравствената криза“, вели Петар Гошев.
Сегашниот министер за финансии Фатмир Бесими во завршното обраќање пред пратениците,убедуваше дека буџетот кој вреди нешто над 4 милијарди евра се носи во период на криза, која не се чувствува само кај нас туку во цел свет. Ова е прв среднорочен буџет кој се носи во земјата и дека ќе биде насочен кон заздравување од кризата предизвикана од Ковид-19 и поставување на основи за забрзан економски раст во следниот период потенцира Бесими.