Бројот на убиени и повредени деца во Либан од почетокот на масовните израелски бомбардирања достигна застрашувачко ниво, соопшти денеска УНИЦЕФ и повика на итна деескалација на конфликтот.

Според податоците на либанските власти, во рок од два дена – 23 и 24 септември загинале 50 деца. Нивниот број може дополнително да се зголеми бидејќи може да има деца под урнати згради погодени од израелски ракетни напади, се вели во соопштението на УНИЦЕФ.

Претставникот на УНИЦЕФ во Либан, Едуард Бегбеде рече дека нападите во Либан убиваат и повредуваат деца со алармантна брзина и го уништуваат чувството на безбедност на стотици илјади деца низ целата земја.

„Страдањето на децата мора да престане“, додаде тој, повикувајќи на итна деескалација.

УНИЦЕФ наведува дека бомбардирањето предизвикало огромна штета на цивилната инфраструктура, оставајќи 30.000 луѓе без пристап до вода за пиење.

Според агенцијата на ОН, Либан од кризна ситуација премина во катастрофа.