Лидерите на Западен Балкан се собраа во Њујорк на неформален ручек организиран за нив за време на сесијата на Генералното собрание на ОН од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел. На средбата учествуваа премиерите на Црна Гора Дритан Абазовиќ, Албанија Еди Рама, претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседателката на Косово Вјоса Османи, претседавачот со Претседателството на БиХ Шефик Џаферовиќ и премиерот на Северна Македонија. Димитар Ковачевски. Како што соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), дискусијата се фокусирала врз глобалното и регионалното влијание на незаконската и неиспровоцирана војна на Русија против Украина, а високиот претставник Борел и лидерите на Западен Балкан разговараа како заеднички да се решат штетните последици од таа војна со цените на храната и енергијата и стабилноста и безбедноста во Европа и на глобално ниво.
ЕУ и Западен Балкан ќе останат заедно во соочувањето со предизвиците што неиспровоцираната војна на Русија против Украина ги наметнува на глобално ниво. ЕУ целосно го поврзува Западен Балкан со своите иницијативи за ублажување на последиците од војната, се додава во соопштението.