-Имаме сериозни активности во делот на поврзувањето на патната инфраструктура со Бугарија и до средината на 2023 година ќе имаме делумно проширена и целосно обновена патна врска. На пролет започнува градбата на првите две делници за железничко поврзување во висина на инвестиција од околу 200 милиони евра, а веќе во текот на наредната недела ќе биде договорена дополнителна средба за разгледување на можностите за авионско поврзување меѓу Скопје и Софија, што ќе биде исплатливо и за авиопревозникот, но и за граѓаните, вели во интервју за БНТ министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Бочварски во интервјуто посочува дека се работи за приватен авиопревозник или приватни авиопревозници коишто би можеле да сообраќаат на релација Скопје – Софија, но без субвенционирање или потпомагање од страна на владите.

Сакаме авиопревозниците да најдат своја исплатливост во оваа линија и заради тоа сме отворени да дискутираме, да се вклучат и туристички агенции, да се вклучат и сите заинтересирани страни, бизнис комори, компании коишто имаат некаква можност за соработка помеѓу двете земји за да се најде исплатливост на оваа линија – Софија – Скопје, можеби и Тирана, Софија – Скопје можеби Атина, или која било трета релација која што ќе даде плус можност на граѓаните, на бизнис компаниите, можеби на туристичките дестинации коишто би летале преку Софија или преку Скопје до конечната дестинација на граѓаните, нагласува Бочварски.

Бочварски, во интервјуто за БНР, вели дека имале одлични средби во Софија на коишто разговарале на повеќе теми, вклучително за поврзувањето по патна инфраструктура помеѓу двете земји, но и за железничката инфраструктура и отворањето на авинска линија.