Се бојкотира наставата во повеќе основни училишта, а за средните, нема информации, изјавија за МИА од неформалната фејсбук-група на родители „Учебници и настава мора да има“.

Тие вчера најавија бојкот на наставата со барање да се стопира донесувањето на законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

“Имам повеќе информации од родители и наставници дека денеска воопшто не почнале со настава и можеби 80-90 проценти денеска нема да има настава кај основците. За средно немам доволно информации, рано е уште. Нашиот став е дека еден ден пропуштен во наставата не е толку значаен колку што е значајно да се донесат промени во образованието. Ќе стоиме зад сите наши дела се додека не не слушне Министерството”, кажа Драгана Спасевска претставничка на фејсбук групата.

Средношколскиот сојуз вчера се огради од бојкотот, наведувајќи дека негови организатори не се тие, туку родители.

Претседателот на Средношколскиот сојуз Бленди Ходаи денеска изјави дека нема сознанија дали средношколци денеска бојотираат самоиницијативно.

“Знаеме дека истите средни училишта, три или четири во Скопје и Штип, бојкотираат и денеска. Се работи за неколку паралелки што ја бојкотираа наставата. За други училишта за денеска се уште немаме информации, ќе добиеме од наши претставници дали се бојкотира во нивните градови”, рече Ходаи.

Ставот на Сојузот на средношколци е дека учебници треба да бидат достапни и во електронска и во хартиена форма.

Неформалната фејсбук-група „Учебници и настава мора да има“ здружени на Фејсбук, која има над 70 000 приврзаници, вчера пред Министерството за образование и наука ги изнесе своите барања – да се стопира носењето на новиот закон за учебници, да се организира јавна расправа и нивни стручни претставници непосредно да учествуваат во негова ревизија и интервенции.

МОН вчера соопшти дека новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали е современо решение базирано на глобални образовни стандарди и ќе донесе подобрување на севкупниот квалитет на националниот образовен систем.