МВР денеска официјално соопштои дека вчера во Прилеп во паркот во кругот на Општата болница Прилеп бил пронајден починат Г.Д. (51), кој претходно се лекувал во болницата. Смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.

Медиумите јавија дека Г.Д. бил бездомник и тој од болницата излегол со ампутирана нога, но со незалечена рана..

Горан Димески бил пронајден мртов на клупа пред болницата во која ја лекувал раната. Неговиот брат обвинува дека тој бил исфрлен од болницата и најавува тужба против болницата за негрижа.

„Дојдов да го посетам брат ми, слеговме долу со количката, го истуркав да пиеме кафе, излеговме во дворот. Едно време дојдоа некои личности ко бодигарди, и во униформа и без униформа, дојдоа и ги фрлија ранците од брат ми. Не видов јас ни кога пакувале, ни што спакувале, ни што имало во ранците, и му рекоа – ти, да те нема од Болницава. Зошто како – не знам”, изјави за дописничката на „Алфа” од Прилеп Зоран Димески, брат на починатиот Горан.

Зоран побарал лекувањето да биде продолжено, бидејќи раната на ампутираната нога на брат му крварела и гноела, а имал и оток со болки.

Зоран успеал да извади документ Горан да биде сместен во дом за стари лица, иако раната не му била заздравена, а немал ни отпусна листа. Но, Горан починал на клупата пред болницата.

Од болницата за „Алфа” велат дека на пациентот му била дадена сета потребна здравствена грижа, дури и подолго од што требало. Бил отпуштен бидејќи му завршило болничкото лекување, но добил препораки за понатамошно домашно лекување и преврски.