Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7) е решена да ја спречи Русија да ги „изгладнува“ и „со студ да ги убива“ Украинците.

„Нема да дозволиме оваа сурова војна да доведе до масовни смртни случаи на постари и деца, млади луѓе и семејства во зимските месеци што претстојат„, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на отворањето на дводневната средба на шефовите на дипломатиите на членките на Г7 во Мунстер, западна Германија.

Организирањето помош за Украина е на врвот на агендата на состанокот, од кој се очекува да биде испратена уште една силна порака до Русија, која од 24 февруари води офанзива против Кијив.

Бербок, чија земја претседава со Г7 до крајот на годината, ги осуди руските „подмолни методи“ на војување кои се обидуваат да ги „истоштат луѓето од глад, жед и студ, уништувајќи ја цивилната инфраструктура“.

Многу украински градови, вклучувајќи го и главниот град Кијив, во изминатите недели беа цел на минофрлачки напади врз цивилната инфраструктура, поради што населението страда од недостиг на вода и електрична енергија.

Покрај Соединетите Американски Држави и Германија како претседавач, водечките економии во Групата седум (Г7) ги вклучуваат и Велика Британија, Канада, Франција, Италија и Јапонија.