Белгиските власти одобрија вакцинација на децата помеѓу 12 и 15-годишна возраст, но само со дозвола од родител или старател.
Адолесцентите ќе можат да се вакцинираат само со вакцината на Фајзер и на доброволна основа.
Одлуката младите да се вакцинираат само со Фајзер се заснова на препораката на Европската агенција за лекови, ЕМА.
Министерот за здравство на регионот Брисел, Ален Марон, изјави дека е важно адолесцентите да се вакцинираат што е можно во поголем број за да се забави ширењето на вирусот, кој поради делта сојот предизвикува сериозна загриженост во Белгија.
Земјата во последните недела дена повторно се соочува со експоненцијален раст на новозаразени од Ковид-19. Иако тоа се должи делумно на фактот што граѓаните се тестираат масовно пред заминување на одмор, експертите се одлучни дека делта сојот е исто така дел од причините.
Здравствените власти алармираат дека без масовна вакцинација на есен земјата може да се соочи со четврт бран.