Министерот за економија Крешник Бектеши денеска обелодени дека во скопскиот регион се затворени маркети на „Веро“ и „Вива фреш“ поради непочитување на владините мерки за намалување на цените на прехранбените производи.
– Нема зошто да се има страв да се наведат, но и вие, медиумите, треба да ги наведете маркетите бидејќи најверојатно ви ургираат заради рекламите и не ги наведувате, туку само ги споменувате дека се затворени, а граѓаните треба да знаат кои маркети се затворени, а кои ги почитуваат мерките, изјави Бектеши по посетата на компанијата „Алма-М“.
Во саботата, според директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, биле извршени над 50 контроли при што затворени се пет големи ланци на маркети по основ на Законот за потрошувачи, односно по основ на нечесни трговски пратки, а седум маркети се казнети поради непочитување на владината одлука.
– Петдневно затворање е доволно за овие компании, рече денеска Трајковски, кој заедно со министерот Бектеши и со премиерот Димитар Ковачевски беше во посета на компанијата „Алма-М“.
Со новата мерка на Владата, како што соопшти премиерот Ковачевски, кај повеќе од 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната и месната индустрија, цената е намалена за 10 проценти во однос на цената од 1 август, а кај некои намалувањето е од 30 до 40 проценти.
– Во маркетите веќе овие производи добија ознака „гарантирана цена“, со оваа мерка придонесуваме и покрај инфлациските притисоци, заеднички и солидарно даваме поддршка на нашите граѓани, рече Ковачевски.
Во однос на денешната изјава на извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев дека маркетите немале доволно време за да се „престројат“ во однос на намалувањето на цените, министерот Бектеши рече дека одлуката не е направена преку ноќ и дека маркетите имале рок од речиси 10 дена да ги направат измените.
– Имав директни состаноци и со големите ланци супермаркети, и со добавувачите и со производителите една недела пред да се донесе мерката на Влада, рече Бектеши.
Законот за нефер трговска практика, според најавите на министерот Бектеши, во текот на оваа недела ќе биде доставен до Владата.