Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е малку веројатно проектилот што заврши во Полска и уби две лица, да бил истрелан од Русија, пренесува Ројтерс.
„Постојат прелиминарни информации кои го оспоруваат тоа. Според траекторијата на движење, малку е веројатно дека проектилот е истрелан од Русија, но ќе видиме“, рече Бајден.
Американскиот претседател изјавата ја даде по разговорот што ги имаше во Индонезија со лидерите на Г-7 (Канада, Франција, Германија, Италија Јапонија и Обединетото Кралство), како и претставници на ЕУ и Европскиот Совет и премиерите на Шпанија и Холандија – членки на НАТО. Тој вети поддршка за Полска да ја спроведе истрага за, како што рече, ракетата од руско производство.
Исто така, посочи дека на состанокот ги информирал сојузните за неговите разговори со полскиот претседател Анджеј Дуда и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и дека имало едногласност да ѝ и се помогне на Полска во истрагата.
„Ќе се погрижам да откриеме што точно се случило. Тогаш заедно ќе одлучиме за нашиот следен чекор“, рече Бајден.
Претходно и полскиот претседател изјави дека најверојатно станува збор за проектил од руско производство, но нема конкретни докази кој го испукал.
Агенцијата „Асошиејтед прес“ повикувајќи се на тројца американски функционери кои сакале да останат анонимни, пишува дека прелиминарните проценки се дека проектилот го истрелале украински сили кои гаѓале руска ракета додека енергетската инфраструктура во Украина вчера беше пета на руски гранатирања.
Проектилот вчера заврши во село во Полска на околу шест километри од границата со Украина.