Процентот на населението во Австрија со миграциско потекло постојано се зголемува, од 21,4 во 2015 година на сегашните 25,4 отсто, соопшти денеска Федералниот завод за статистика, пренесе ДПА.

Германците (217.000) и Романците (140.000) се најголемите групи странци во Австрија, а потоа следат 122.000 српски и 118.000 турски државјани.

Според извештајот на Заводот, поради руската инвазија бројот на украински граѓани во Австрија е зголемен за четири пати, па, додава ДПА, додека на почетокот на 2022 година во Австрија живееја околу 13.000 Украинци, на почетокот на април веќе имало речиси 53.000.

-Австриската популација расте исклучиво преку имиграција; без неа, населението долгорочно ќе се врати на нивото од 1950-тите, согласно прогнозите за населението, изјави генералниот директор на Федералниот завод за статистика на Австрија, Тобијас Томас.

Прелиминарните податоци покажуваат дека на 1 април Австрија имала вкупно население од 9.027.999 граѓани.