Овој плод е благодат и за здравјето и за нега на телото и лицето, одличен е за внатрешна и за надворешна употреба.
Авокадото веќе извесен период го одржува статусот на суперхрана, која е добра и за јадење и за нега на целото тело. Од него може да се направат маски за лице и за коса во домашни услови, но сѐ повеќе е состојка и на купечките препарати. Важно е да ги знаете потребите на вашата кожа и во склад со тоа и да се однесувате.
Придобивки што ги нудат авокадото, доколку се користи редовно.
1. Го намалува оштетувањето од сонцето
Според некои истражувања, авокадото игра голема улога во негата на кожата по изложувањето на сонце и намалува дури 51 отсто од евентуалните оштетувања како резултат на штетните ефекти на УВ-зраците. Меѓутоа, важно е да го внесувате во организмот преку исхраната или така што ќе нанесете крем или маска. Најдобро е сами да ја подготвите смесата која ќе ја нанесете на лицето, а за неа, покрај половина авокадо, ви требаат и 2 лажички кисела павлака и 1 лажичка сок од лимон. Добро измешајте ги состојките и оставете да дејствува 20 минути.
2. Одличен сојузник во подмладувањето
Покрај одличниот вкус, авокадото се смета и за многу хранлива намирница, која содржи фолна киселина, калиум и магнезиум, витамин Е, како и други супстанции со антиоксидантно дејство. За љубителите на гвакамоле сос, применете го рецептот од познат американски дерматолог. Сè што ви треба е да комбинирате: 1 поголемо изгмечено авокадо, 125 мл соја млеко, 15 грама свеж коријандер, 2 чешниња истолчен лук и 10 мл сок од лимета.
3. Го подобрува изгледот на косата
За време на летните денови, косата е изложена на сонце, како и на сол и хлор во морињата и во базените, па затоа е потребна дополнителна нега. Фризерите препорачуваат маска направена од 1 авокадо, 4 лажици бадемово млеко и 1 лажичка масло од бадем, која ќе ја оставите да дејствува 15 минути, а потоа измијте ја косата. Ако имате руса коса, немојте да ја користете оваа маска, бидејќи ќе предизвикате контраефект во вид на зелен отсјај.
4. Помага во елиминирање на килограмите
Многумина што сакаат да ги намалат килограмите, сметаат дека авокадото не е добар избор поради маснотиите што ги содржи. Напротив, овој плод го сочинуваат мононезаситени масти, кои се согоруваат полесно од другите. Исхраната во која се застапени овие масти е подобар избор отколку да се откажете од мастите. Килограмите се топат и, што е уште поважно, тие не се враќаат лесно. Според резултатите од една студија, жените побрзо слабеат доколку внесат мононезаситени масти во организмот пред да одат на тренинг.
5. Достапно е во текот на целата година
Некои сорти на авокадо, кои потекнуваат од Мексико и од Индонезија, можат да се консумираат во текот на целата година. Но, најдобро време за свежо авокадо е помеѓу ноември и јануари. Во меѓувреме, можете да го користите маслото, кое е подеднакво благотворно за кожата и косата. Лесно се апсорбира и може да се нанесува секоја вечер на исчистено лице и врат. Кога станува збор за особено чувствителни делови од телото, какви што се лактите и колената, маслото од авокадо нанесувајте го секое утро и навечер, седум дена по ред. За крај, косата можете да ја нахраните така што 10 минути пред миењето ќе го нанесете маслото по целата должина на косата.