Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, во вечерашното гостување на Топ Тема ги отфрли обвинувањата дека бесплатениот јавен превоз за сите граѓани на Скопје е невозможен, тврдејќи дека со добро менаџирање на буџетот можно е исполнувањето на сите проекти, не само на овој.

Во 2020 година дотацијата на градот Скопје до Јавното сообраќајно претпријатие изнесувала 12,5 милиони евра, ЈСП е загубар. ЈСП само за првите шест месеци од 2021 година прикажува загуба од 139 милиони денари. Тоа е класичен пример на лошо менаџирање. Буџетирањето прво е несоодветно, се трошат многу средства, несоодветно, а од друга страна повторно Град Скопје е тој кој што дотира во буџетот на ЈСП, и тоа само во 2020 со 12,5 милиони евра. Претходната година тоа било 7 милиони евра, вели Арсовска.

Запрашана како планира од буџетот на Град Скопје, кој според приходите и расходите оваа година е во минус од нешто повеќе од 12 милиони евра, да ги зголеми приходите за не само да се финансира бесплатниот јавен превоз туку и евентуалната набавка на нови 250 автобуси. Во 2021 година во буџетот на Град Скопје пристигнале како приходи 102 милиони евра, расходите биле 114.600.000 евра, што значи дека минусот е повеќе од 12 милиони евра.

Прво и основно трошоците се енормно големи, затоа е таа разлика која сега ја напоменавте. Да не ви ги набројувам, но еве додека траат овие избори и покрај тоа што за време на избори е забрането трошење на средствата на граѓаните, удрено е навистина на едно склучување на директни спогодби и договори за јавни набавки, кои што значат директна злоупотреба. Видовте дека само еден ден пред првиот круг на локалните избори е склучен договор во вредност од 32 илјади евра за кафеана, обвини Арсовска.

Арсовска тврди дека не само што Данокот на имот нема да се покачи, туку ќе се изврши и ревидирање на неговата методологија.

Даноците на имот не само што нема да се покачат, туку ќе се изврши и ревидирање на методологијата врз основа на која што се плаќаат и јас верувам дека сите граѓани кои што во овој момент поради неревидираната методологија плаќаат премногу, ќе плаќаат помалку. Затоа што имаме методологија која што не е соодветна на она што го има надвор на пазарот, рече таа.