Вечерва заседаваше Кризниот штаб на Град Скопје поради штрајкот во ЈП Комунална хигиена и одбивањето на работниците да го собираат ѓубрето. По состанокот градоначалничката Арсовска изјави дека мафикашки структури два дена го блокираат претпријатието. Причините како што вели се лични интереси, а се работи за лица кои повеќе од 15 години работеле само една смена што е спротивно на закон. Арсовска вели дека поголем дел од нив воопшто не доаѓале на работа.

Воедно Данела Арсовска на прес конференција вечерва му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека е разобличен.

„Разобличен е затоа што со бескрупулозност, за евтини политички поени, сака да креира проблеми за граѓаните кои потоа сака да се претставува дека ги решава и дека ги расчистува. Таквите политичари се најголемото ѓубре кое што овој град го видел и ние вечерва ќе почнеме со чистење на ѓубрето, да ги чистиме и нив“, порача Арсовска.