Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека индиректните разговори меѓу Иран и САД, со посредство на Оман, се прекинати поради ескалација на тензиите во регионот.
Говорејќи за време на посетата на главниот град на Оман, Мускат, Арагчи рече дека преговорите, познати како „Процесот Мускат“, биле прекинати „поради специфичните околности во регионот“.
„Оман секогаш играше значајна улога во решавањето на регионалните прашања и активно го олеснуваше дијалогот меѓу Иран и САД“, истакна Арагчи.
Сепак, тој нагласи дека сегашните регионални превирања засега ги оневозможуваат понатамошните разговори.
„Не гледаме никаква основа за овие разговори додека не ја надминеме сегашната криза“, рече тој, оставајќи ја вратата отворена за продолжување на процесот во подоцнежна фаза.
Запрашан дали била пренесена порака до САД за време на неговата посета, Арагчи рече: „Ниту една порака не беше испратена до други земји за време на ова патување“.
Арагчи рече дека американските и европските нации, како и регионалните актери, мора да ја препознаат позицијата на Иран за неодамнешните случувања.
„Нашиот став е кристално јасен“, рече Арагчи.
„Ние не бараме војна или конфликт, но сме целосно подготвени за тоа. Сметаме дека дипломатијата мора да се искористи за да се спречи ескалација“.
Прекинот на разговорите дојде во време на зголемени тензии откако Иран лансираше низа проектили кон Израел на 1 октомври, како одмазда за убиството на водачот на Хезболах, Хасан Насрала и командантот на иранскиот корпус на гардата на исламската револуција во Бејрут, анализираат медиумите. Израел го нападна лидерот на Хамас Исмаил Ханије во нападот врз Техеран два месеци претходно.
Додека Израел ветува дека ќе одговори, загриженоста за поширок регионален конфликт се зголемува, заклучува Си-Ен-Ен.
Текстот Арагчи: Иран ги прекина индиректните преговори со САД поради растечките регионални тензии е превземен од МАКФАКС.