Јапонската амбасада и Јавната здравствена установа Општа болница Струмица денеска потпишаа договор за „Грант помош на мали проекти за човекова безбедност“ (GGP), кој има за цел да се подобрат основните човекови потреби во Македонија.
Грант договорот потпишан од амбасадорот на Јапонија Н.Е. Оцука Казуја и директорката на ЈЗУ Општа болница Струмица, д-р Катерина Кузмановска, има за цел да набави 4Д ултразвучен систем за Одделот за Гинекологија, во вкупен износ од 51.462 евра.
Според директорката на Општа болница Струмица, д-р Катерина Кузмановска, новиот ултразвучен систем ќе обезбеди поголема здравствена заштита на трудниците и новороденчињата во нашата болница и пошироко во југоисточниот регион.
Амбасадорот Оцука истакна дека јапонскиот народ е среќен и горд што му помага на македонскиот народ да има поквалитетни здравствени услови.
Како што соопштуваат од јапонската амбасада, преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 74 училишта и градинки, 66 здравствени установи и обезбеди 35 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 51 општина.
Јапонија континуирано ја поддржува Македонија во различни сектори, како инфраструктурен развој, подобрување на здравствените услуги, образованието, животната средина, култура, помош при природни катастрофи и бегалски кризи, како и итна помош која изнесува повеќе од 423 милиони евра, како и друга нефинансиска помош.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.