Антикорупциската комисија го затвори предметот за именувањето на директорот на АНБ, Бојан Христовски.

За сертификатот по англиски јазик, издаден од училиште во Пловдив, Бугарија, Антикорупциската комисија заклучи дека не е надлежна да вештачи дали документот е фалсификуван, туку тоа е работа на Обвинителството.

„ДКСК изврши увид во сертификатот и формално правно условот е поднесен, односно, поднесен е документ што ги задоволува барањата. Поради претставката за сомневање на автентичноста на наведениот сертификат, ДКСК нема овластување да проверува и утврдува автентичност на документите како ТОЕФЛ сертификатите. Надлежноста за утврдување на евентуалната невалидност на документот е во ОЈО Скопје каде што е поднесена кривична пријава“,  изјави Цвета Ристовска, член на ДКСК.

Во однос на тоа што Христовски лани бил избран за претседател на скопскиот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, додека едниот од условите наведени во Законот за АНБ е дека директорот на оваа агенција не треба да е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија, од ДКСК велат: „Доставена е изјава со која под полна материјална и кривична одговорност, лицето изјавило дека не е члена на политичка партија, ниту на тела на партија. Оттука, согласно надлежностите на ДКСК, таквата изјава е автентичен доказ тој не е член на политичка партија“.

Антикорупционерите констатираа дека нема основ за постапување по основ на судир на интереси и корупција, а тој ги исполнува условите за вршење на функцијата.