Македонската музичарка и професорка на ФМУ деновиве ги минува во работа со нејзиното музичко училиште, дружење со семејството и подготовки за новогодишната ноќ. Во меѓувреме се подготвува за промоција на синглот „Летај“, посветен на нејзината почината мајка и на сите оние кои не се физички меѓу нас.

Пред две недели Андријана Јаневска беше македонскиот претставник во големиот интернационален проект „The Earth Orchestra“ во кој учествуваа уште 196 музичари од различни држави од целиот свет. Тие ја изведуваа композицијата „Together is beautiful“, дело на композиторот Џорџ Фентон, и ова беше првпат целиот свет да се обедини преку мизиката.

– Кога ми се јавија од продукцијата и ме поканија, со задоволство прифатив. Композицијата се снимаше во познатото „Аби роадс“ студио во Лондон, а јас бев прва виолина во светскиот оркестар. Требаше да патувам во Лондон и таму да снимам, но поради ковид-ситуацијата снимав во моето студио и потоа им го пратив материјалот. Горда сум што имав таква можност да ја претставувам мојата татковина, особено што бев најавена како претставничка од Македонија, без придавката Северна – вели Андријана.

Андријана со синовите Димитар и Кристијан/Приватна архива

Годинава ја одбележа корона-пандемијата, па како Вие ги минувате деновите во изолација? Со двајца музичари во семејството и две деца, сигурно многу е забавно.

– Првите месеци ми беа убави, се одморив и уживав, но веќе навистина стана стресно за сите. Ми недостасува дружбата со колегите по претстава, ми недостасуваат студентите од ФМУ со кои држам настава онлајн, едноставно ми недостасува слободата. Инаку, времето го користам за творење музика, за дружење со децата, периодов уживавме и во божиќното декорирање и китење елка.

 Спомнавте творење музика. Што ново се подготвува во Вашето студио?

– Секојдневно снимам за странски продуценти, а работам и аранжмани на наши музичари. Снимив уште една песна за американскиот продуцент Jawfree, а продолжува мојата работа и на хрватскиот пазар каде што наскоро ќе промовирам уште една песна на хрватски јазик. Воедно се подготвувам за промоција на мојата нова песна на македонски јазик со наслов „Летај“, која е посветена на мојата почината мајка и на сите оние кои не се повеќе физички помеѓу нас. Официјално ќе ја промовирам в сабота, на 26 декември, на роденденот на мајка ми, преку Јутјуб и на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм.

Со сопругот Драган Гиновски – Гино/Приватна архива

Во меѓувреме храбро почнавте со новиот проект, Вашето музичко училиште „Андријана Јаневска“. Како се снаоѓате со новата ситуација која ни наметна нови правила на однесување?

– Музичкото училиште беше моја дамнешна желба, но започнав со работа од септември оваа година. Се надевав дека вирусот ќе стивне и ќе можеме нормално да работиме, но за жал, сите моравме да се прилагодиме на новата ситуација. Поради тоа групите се ограничени на осум ученици за да може меѓу нив да има соодветно растојание. Се учи солфеж и инструмент: виолина, пијано или пеење, а можат да доаѓаат деца од 6 години па нагоре. Среќна сум што и покрај вонредната ситуација, се запишаа многу ученици. Првото полугодие речиси заврши, следува зимскиот распуст, а потоа продолжуваме со второто полугодие. Во следното полугодие ќе понудиме и групи за дечиња од предучилишна возраст (3-5 години), како и групи за дечиња со посебни потреби, во соработка со дефектолог, бидејќи од многу доктори е потврдено дека музиката многу им помага во развојот.

За оние што не знаат, љубителка сте на моторите. Дали тоа е еден начин да се ослободите од стресот и да си ги наполните батериите?

– Љубител сум на сите спортови, пливање, планинарење, шах, но сакам и автомобилизам, мотоциклизам и велосипедизам. Сепак, моторот има посебен шмек затоа што симболизира слобода. Во моментов е во зимски сон, но едвај чекам да запролети и повторно да ја „јавнам“ мојата „хонда ЦБФ 600“ и да заборавам на секојдневниот стрес.

Кој од Вашите синови, Димитар и Кристијан, покажува поголем афинитет кон музиката?

– Димитар (9) веќе е четврто одделение во нижото музичко училиште и учи пијано кај најдобриот професор Бобан Мирковски. Кристијан (5) ќе почека да се запише догодина, но навистина има убав глас. Сè уште не се решил дали ќе учи виолина, пијано или гитара како тато. Освен со музика, би сакала да се занимаваат и со спорт. Сметам дека спортот треба да биде број еден кај секој човек. Димитар тренира фудбал во фудбалскиот клуб „Лепенец“ од Бардовци, а напролет ќе го запишам и Кристијан.

Освен целокупната ситуација со пандемијата, која ја одбележа годинава, што за Вас ќе остане како најважен спомен од годинава што минува?

– За жал, годинава сите ќе ја паметиме по огромниот број жртви на пандемијата, а јас лично по тоа што цела година бев разделена од поширокото семејство. Поретко се гледав со татко ми и брат ми, а со сестра ми воопшто не се видовме, бидејќи живее во Милано. Велат, по дождот доаѓа сонце, па останува да се надеваме дека следната година ќе биде во знакот на сонцето.

На новогодишната ноќ што ќе си посакате?

– Посакувам да пееме и да свириме во добро друштво и да уживаме во животот без стрес. На сите ваши читатели им посакувам среќна Нова година, исполнета со здравје, радост и спокој!