Потегот на претседателот Емануел Макрон да го избегне Националното собрание и да спроведе непопуларна ревизија на пензискиот систем без гласање во Долниот дом, би можело да заврши како Пирова победа, анализира Ројтерс.
Со користење на специјални уставни овластувања наместо да ризикува пратениците да ја отфрлат реформата, Макрон ѝ даде муниција на опозицијата и на синдикалните лидери кои ја оценија реформата како недемократска.
Тоа, исто така, би можело да ѝ оди од рака и на крајната десница.
„Тоа е демократски државен удар“, изјави лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен за новинарите по хаотичната седница во парламентот, на која премиерката Елизабет Борн беше исвиркана кога најави дека владата ќе се повика на член 49.3 од уставот што ѝ дозволува да го усвои законот без гласање.
И покрај серијата преговори, владата заклучи дека не успеала да собере доволно гласови од конзервативните пратеници во Долниот дом за да обезбеди усвојување на планот за зголемување на минималната возраст за пензионирање од 62 на 64 години.
Некогаш познат како политички коцкар со високи влогови, Макрон избра да игра на сигурно.
Тој беше премногу загрижен за пошироките финансиски импликации за да ризикува да ја загрози реформата што треба да ги увери инвеститорите и рејтинг агенциите за одржливоста на францускиот долг, изјавил владин извор.
Сепак, неколкунеделните жестоки дебати во парламентот и улични протести кои привлекоа над 1 милион луѓе ризикуваа да остават простор што може да ги поттикне екстремно десничарските популисти, пишува Ројтерс.
„Оваа реформа ги има сите состојки да ги зголеми гласовите за партиите на радикалната десница“, рече Бруно Палиер, политиколог од францускиот универзитет Сајнс-По.
Палиер додал дека товарот на реформите ќе го сноси ниската средна класа, дел од населението што веќе се чувствуваше како губитник на глобализацијата, како што беше во Британија пред Брегзит и во Соединетите држави пред изборот на Доналд Трамп, пишува Ројтерс.
„Ова незадоволство нема да исчезне, ќе се претвори во нешто поинакво, само ќе почека гласачките ливчиња повторно да се манифестираат“, додаде тој.
Поранешните лидери кои се мешаа со старосната граница за пензионирање ја платија цената, вели Палиер, посочувајќи на неуспехот на Никола Саркози да победи на реизборот во 2012 година, откако ја зголеми старосната граница за пензионирање од 60 на 62 години во 2010 година.
Ле Пен чека од заседа
Секако, тврдењата за авторитарност од страна на критичарите на законот за пензија се пресилни.
Членот 49.3 од уставот, на кој Макрон се повика за да ја усвои реформата, во минатото го користеа владите на левицата, десницата и центарот. Поранешниот социјалистички премиер Мишел Рокард пристапи кон посебните овластувања дури 28 пати во 1980-тите и 1990-тите.
Сепак, од самиот почеток, владата на Макрон не успеа да се заложи за реформи.
Министрите првично ги спроведоа неопходните измените за спас на пензискиот систем од колапс, објаснувајќи потоа дека промените се „левичарска реформа“.
Политичките набљудувачи велат дека Ле Пен добро одиграла.
Таа е добро поставена да има корист од начинот на кој се одвиваше дебатата, изјавија за Ројтерс политички извори и разочарани гласачи, при што на Макрон му е забрането да се кандидира за трет мандат во 2027 година и нема јасен наследник на повидок.
„Госпоѓа Ле Пен е подготвена за заседа“, рече Лоран Бергер, шефот на умерениот синдикат CFDT во четвртокот, неколку часа пред гласањето. „Огорченоста, социјалниот долг што се зголемува, ќе бидат искористени од популистите и екстремната десница. Тоа е страшно“, рече тој.
Ле Пен постојано го изјавуваше своето противење на реформата, но им наложи на своите колеги во парламентот да се воздржат од употреба на опструкционистички тактики како оние на радикалниот лев блок, во согласност со нејзината долгорочна цел да се здобие со углед.
Во еден момент од дебатите таа дури побара од своите пратеници да застанат и да му аплаудираат на министерот задолжен за одбрана на реформите, кој еден левичарски пратеник го нарече „убиец“.
„Таа дури и успеа да изгледа како арбитер на дебатите, што е неверојатно“, рекол изворот.
Макрон ќе сака брзо да ја сврти страницата, при што владините функционери веќе подготвуваат повеќе социјални реформи.
Но, крајот на дебатите во парламентот најверојатно нема да го смират гневот на улиците. Анкетата на Odoxa покажа дека 62 отсто од Французите мислат дека протестите треба да продолжат дури и откако законот ќе биде усвоен.
Само неколку минути откако владата го заобиколи парламентот, импровизирана демонстрација се одржа на плоштадот Конкорд во Париз спроти Националното собрание.
Симболиката беше моќна: Таму беше поставена гилотина со каква на Луј XVI пред 230 години му била отсечена главата.
Извор: Reuters