Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет денеска повторно побара зголемување на воените буџети на земјите членки на НАТО и порача дека Вашингтон нема да дозволи „чичко Сем да стане чичко Наивен“.
На прес-конференцијата во Брисел, на крајот од состанокот на министрите за одбрана на земјите од НАТО, тој рече дека Европа мора да биде одговорна за својата одбрана и предупреди да не ја третира Америка како „наивна“, пренесува Ројтерс.
„Не правете грешка, претседателот Трамп нема да дозволи некој да го претвори чичко Сем во чичко наивен“, рече Хегсет.
Хегсет рече дека САД се „посветени на градење посилно НАТО“, како и дека европските лидери треба да ја преземат примарна одговорност за одбраната на континентот, што исто така бара зголемување на трошоците за одбрана.
Тој посочи дека земјите-членки „мора повторно да го направат НАТО голем“.
Додаде дека мировните преговори за војната во Украина ќе се одржат и со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Запрашан дали може да гарантира дека Украина нема да биде принудена да постигне договор, Хегсет одговори дека тоа на крајот не е негова одлука, бидејќи разговорите ќе ги води Трамп, но тој посочи дека американскиот претседател разговарал и со Путин и со Зеленски и дека „и двајцата ќе бидат вклучени во сите преговори“.
„Претседателот Зеленски ја разбира реалноста на теренот, претседателот Путин ја разбира реалноста на теренот, а претседателот Трамп, како договарач, како преговарач, исто така ја разбира оваа динамика“, посочи Хегсет.
Тој посочи дека ветувањето за пристап на САД до природните ресурси во Украина, исто така, ќе претставува индиректна гаранција за безбедноста на таа земја.
Хегсет рече дека сите опции се на маса за разговори и дека реалноста е дека границите во Украина нема да бидат повлечени таму каде што сите би сакале да бидат, од 2014 година, и дека тоа „не е отстапка за Владимир Путин“.
Тој посочи дека ова е „признавање на реалноста“ на теренот, по многу вложувања и жртви, прво од Украинците, а потоа и од сојузниците, но оти има сознание дека договорениот мир во Украина ќе биде некаква разграничување што ниту една страна не ја сака, според светските медиуми.
Тој ги отфрли тврдењата дека Трамп му прави отстапки на Путин и додаде дека Путин е подготвен за разговори бидејќи го гледа Трамп како силен ривал.
„Секоја сугестија дека претседателот Трамп прави нешто друго освен преговарање од позиција на сила е на прв поглед неисториска и лажна“, рече тој, според Гардијан.
Тој исто така изјави дека Трамп сака да има силни односи со Кина и дека неговата администрација нема желба да се судри со таа земја, но дека е паметно да се гледаат тешкотиите во одвраќањето во регионот на Пацификот и да се разбере „растечката кинеска закана“.
„Постои причина зошто Доналд Трамп постојано го нагласува мирот преку силата. Мојата работа, само мојата работа, како министер за одбрана, е да се погрижам тој да ја има најсилната, најспособната и најсмртоносната можна војска“, рече Хегсет.