Амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде ги угости денеска во својата резиденција во Приштина неговите колеги, германските дипломатски претставници во земјите на регионот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на сoсијалните медиуми, германската амбасада во косовската престолнина информира дека цел на средбата на Роде со амбасадорите на Германија во Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина, е да разменат мислења „за регионалните прашања и за патот кон ЕУ“.

Германскиот дипломат информира дека, „настрана од политиката“, ќе ги запознае неговите гости со локалната кујна и некои од косовските културни знаменитости.

– Амбасадорот Роде е домаќин на своите германски колеги од другите земји на Западен Балкан – Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина – во Косово и со нетрпение очекува да разговара со нив за регионалните прашања и за патот кон ЕУ. Настрана од политиката, тој сака тие да ја вкусат и богатата локална кујна и да откријат некои од културните скапоцености што ги нуди Косово, се вели во објавата на германската амбасада во косовската престолнина.