За Вардар 1961 годината почна со победа против српската Војводина во СЕХА Газпром лигата, а денеска во Скопје ќе има нов дуел од регионалното натпреварување.
Во СЦ „Јане Сандански” гостува тимот на Нексе од Хрватска, мечот од групната фаза стартува од 20.15 часот.
Вардарци за овој натпревар во комбинација ќе го имаат и новиот играч Васко Шеваљевиќ кој во меѓувреме ги засили „црвено-црните“.
Двата тима редовно се среќаваат во СЕХА, лани се сретнаа во четвртфиналето. Вардар 1961 во март победи на гостувањето во Хрватска со 31:30, но во реваншот загуби со 25:26. Поради повеќето голови постигнати на гостински терен македонскиот претставник се пласираше на финалниот турнир во Задар.
Стевче Алушовски, тренерот на Вардар 1961:
– После првиот меч со Војводина, ни следува вториот против Нексе. Многу посериозен противник од кој што на почетокот на сезоната во оние елиминации, за тоа кој ќе биде учесник на Фајнал-фор во СЕХА, загубивме дома и тоа е една добра проверка на сето тоа што сме работеле во изминатиот период, да видиме колку екипата од тогаш напредуваше.
Вардар 1961 кога игра дома во ова натпреварување е фаворит, не бегаме од таа фаворитска улога, Нексе е квалитетен противник, го анализиравме. Мислам дека нашиот тим е добро подготвен и дека ќе се претставиме во уште подобро светло.