Дебито го имавме во 2019, најдобрата македонска одбојкарска репрезентација по вторпат во својата историја ќе игра на Европско првенство.
Јануари беше период на двата квалификациски турнири во Скопје каде играчите предводени од селекторот Никола Матијашевиќ одиграа четири натпревари, со биланс од три победи, две против Босна и Херцеговина, и една над Турција, а од истата претрпевме и пораз.
Во клучниот меч „црвено-жолтите“ во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ одиграа фантастично, и покрај празните трибини поради ситуацијата со ковид-19, максимално мотивирани се подржуваа до самиот крај, храбро, паметно, трпеливо за секој поен ја совладаа Турција со 3:1 во сетови 25:19, 21:25, 25:23 и 25:18.
Останува да се одиграат и мечевите во другите квалификациски групи за да ги дознаеме сите учесници на ЕП кое ќе се организира годинава во четири земји: Полска, Чешка, Естонија и Финска.
Еден од играчите кои придонесоа во големиот успех беше Александар Љафтов кој запиша 23 поени во вториот меч со Турците. Но, секако остварениот резултат е колективен, од луѓе со големо срце и карактер, во и надвор од теренот.
Љафтов ексклузивно говореше за веб порталот на „Слободен печат“:
Што ја красеше македонската одбојкарска репрезентација на квалификациските турнири во Скопје?
– Македонската репрезентација од секогаш можела да се пофали со тимска игра и голема желба и мотивација која ја имаме да играме за Македонија. Никогаш не сме имале доволно ресурси, многу малку луѓе верувале во нас, но сега сме многу среќни што покажавме колку можеме и што сите се радуваат со нас.
Колку значи овој чекор, овој момент за нашата одбојка за уште повеќе да се крене како спорт?
– Секако дека значи многу, втор пат по ред учествуваме на Европско првенство, тоа покажува колку труд и волја имаме вложено во сето тоа за да стигнеме до таков резултат. Мислам дека со овој успех ќе придонесеме за афирмирање не само на одбојката, туку и целокупно на спортот во Македонија.
Дали верувате дека ова е поттик за младите уште повеќе да се развиваат и планираат во обидот да направат вакви одлични резултати, не само во одбојката, туку и воопшто во другите спортови?
– Нормално, и јас кога бев помлад сум ги гледал постарите на телевизија кои ми биле поттик и мотивација, сега младите ќе имаат можност да навиваат за нас и ние да сме нивни пример како се постигнува резултат и како се дава сè од себе за репрезентација. Мојата порака до младите е да спортуваат повеќе, да не седат дома на компјутери, бидејќи само така еден ден трудот ќе им се исплати и ќе ги достигнат своите соништа, односно ќе бидат нечии идоли.