Двајца обвинители од поранешно СЈО и еден истражител направиле пропусти во случајот со бизнисменот Сеат Кочан, поради што Државното правобранителство поднело кривична пријава против нив. Ова беше објавено во емисијата Код на Телма.

Во пријавата која ја објави телевизијата, во која пишува дека е испратена со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и до Владата, се вели дека поранешниот специјален обвинител Артан Ајро, кој сега работи во обвинителството за организиран криминал, неговиот колега Гаврил Бубевски, кој сега е шеф на скопското обвинителство, како и Арафат Муареми, поранешен истражител во СЈО, а сега директор на Управата за финансиска полиција, се осомничени за Злосторничко здружување заради злоупотреба на службена положба и овластување и Несовесно работење. Заедно со обвинителите и истражителот, пријавен е и самиот Кочан.

Државното правобранителство смета дека тие навремено не поднеле барање за замрзнување на имотот на Трансмет вреден 17,2 милиони евра, а Кочан тоа го искористил, па си го префрлил имотот на друга фирма – токму на денот кога СЈО побара замрзнување.