Од појавувањето на Бујар Османи пред Комисијата за надворешна политика, до денес имаме информации дека има веќе нацрт документ или така наречен „нон пејпер“ кој циркулира на релација Софија – Скопје и за кој во тек се и двајцата премиери и двајцата министри за надворешни работи. Очигледно е дека во овој момент Ковачевски не е спремен да ги покаже нацрт документите и тој „нон пејпер“ кој македонското МНР го има и го преговара со бугарското МНР, изјави Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во „Само интервју“ на Канал 5.

Милошоски посочи дека бугарската влада, дали кога ќе биде повикана кај претседателот Румен Радев или во Народното собрание се појавува на тие седници и дава образложение и меѓусебно се информираат и градат став, но македонската влада тврди дека е отчетна и транспарентна, но кога ќе ги повикате во Собрание не се појавуваат.

Тој истакна дека владата која не сака да се појави во Собрание, макар и на затворена седница, нешто крие, влада која крие нешто од пратениците како избраници на народот, тоа значи дека крие и од јавноста.