Навршија две години откако Северна Македонија стана членка на НАТО, но нејзината Армија и понатаму користи руски калашников, произведен во Србија, објави ТВ21.

За војската да ги задоволи воените стандарди на НАТО, ќе треба да го смени калибарот на оружјето, од 7,62 мм колку е калашников, да премине на оружје со калибар од 5,56 мм. Освен тоа, има и друга воена опрема во земјава која е стара. Веќе подолго време има оперативен план за модернизирање на армијата согласно НАТО стандардите, но планот се спроведува бавно. Поголемиот дел ново оружје со кое располага АРМ е донација од земјите сојузници. Но, и покрај бројните недостатоци на Армијата во опрема, тоа не ги спречи министрите и политичарите да се пофалат со професионалност и подготвеност. Истото го стори и министерката за одбрана при одбележувањето на денот на Првата пешадиска бригада.