НАТО очекува ново и поголемо страдање во Украина. Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг изјави дека на Москва не треба да и се верува на зборот, зашто продолжуваат нападите во Киев и Чернихив. Кремљ претходно вети дека офанзивата во овие делови на Украина ќе се намали, поради градењето доверба во преговарачкиот процес.
„Според нашите разузнавачки информации, руските единици не се повлекуваат, туку се репозиционираат. Русија се обидува да се прегрупира и да ја засили својата офанзива во регионот на Донбас. Русија го одржува притисокот врз Киев и другите градови, така што можеме да очекуваме дополнителни офанзивни дејства што ќе донесат уште повеќе страдања“, рече Столтенберг.
Украинскиот претседател Зеленски рече дека засега од преговорите не произлегло ништо конкретно. Според него, наводното повлекување на руските сили од Киев и Чернихив, не би можело да се нарече повлекување, туку последица на украинската одбрана.
„Гледаме и дека во исто време Русија собира сили за нови напади во Донбас и ние се подготвуваме за тоа. Не веруваме на никого, и на никакви убави зборови. Има реална ситуација на бојното поле и сега таа е најважна. Нема да се откажеме од ништо и ќе се бориме за секој метар од нашата земја“, рече Зеленски.
Од руската намера за градење доверба во преговарачкиот процес, засега единствено извесни се хуманитарните коридори за Мариупол.
Во меѓувреме, украинските медиуми објавија детали од предлогот на Киев за мировно решение, на кој се чека Москва да одговори. Киев, за сметка на членството во НАТО, побара во случај на напад нејзината безбедност да ја гарантираат Русија, Велика Британија, САД, Кина и други. Во дел од објавените предлози, Украина нуди Донбас, Крим и Севастопол да не влегуваат под евентуалните меѓународни гаранции.
Преговорите продолжуваат утре во видео-формат.
Лука Андреев