Најголем проблем со кој се загрозуваат човековите права се превисоките камати на долговите. Една третина од вкупниот број на претставки поднесени до Омбудсманот во Северна Македонија се однесуваат токму на постапките со извршителите. Поради тоа, Народниот правобранител, Насер Зибери најави дека ќе бара да се ограничи каматата на долговите кон извршителите.

„Недозволиво е каматата да биде три пати повисока од основниот долг. Затоа ќе поведам постапка пред Владата како овластен предлагач на законите, каматата да се плафонира најмногу до 100 проценти од основниот долг“, истакна Зибери на презентацијата на извештајот за човековите права.

Според него, има граѓани кои цел живот се должници кон доверителите, поради ниските примања и превисоките камати. Тоа, вели тој, е недозволиво за една социјална држава како Северна Македонија.