Со пароли „Сакаме чист град“, „21 век а живееме во темница“, „Град без отпад“, „Бараме стационар за кучињата скитници“, група граѓани излегоа на протест пред зградата на општината Кичево, објави ТВ21.

Според телевизијата, оние кои излегоа на протестот велат дека нивните барања се елементарни. Бараат расчистување на отпадот, решавање на проблемот со кучињата скитници и јавното осветлување да биде вклучено постојано. Од градоначалникот, Фатмир Дехари побараа да излезе и отворено да каже колку изнесува општинскиот долг кон ЕВН.

Демонстрантите апелираа барањата да се исполнат што поскоро, а градоначалникот да не седи во канцеларија и во Зајас.

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ во општината, Лазе Јакимовски, ги демантираше наводите дека протестот е политички инициран од неговата партија. Вели дека протестира во знак на поддршка на граѓаните и нивните барања.

Во знак на револт, поради како што велат, нереализирањето на нивните барања, пред општинската зграда истурија и неколку кеси со отпад…

Превземено од ТВ21.