Министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе предложи и ќе побара проактивност на земјава во однос на бегалците од Украина, односно да побара за згрижи одредена бројка преземајќи ги од земји кои се преоптоварени.

-Јас очекувам да утврдиме и ќе предложам на Влада ние проактивно да бараме одредена бројка бегалци, за да им помогнеме на земјите кои се преоптоварени. Не сметам дека треба да добиеме бегалци надвор од можностите, но, одредена бројка, дали од Молдавија, бидејќи таму има поголема бројка, дали од друга земја, бидејќи веќе се создаваат т.н. „хабови“ на бегалци. Германија и Полска се таков „хаб“ во кој што доаѓаат сите и после земјите бараат дел од нив да ги преземат. Ние уште не сме го побарале тоа, иако донесовме одлука дека секој што ќе дојде на наша граница ќе биде згрижен, рече Османи на денеониот редовен брифинг со новинарите.

Според него, треба да се одиме чекор повеќе во однос на ова прашање со бегалците.

-Не планирав ова да го кажам сега, туку на Влада во вторник дека треба да утврдиме бројка на која што ќе им кажеме на пријателите од соседството на Украина дека и ние ќе преземеме дел од нивниот товар. Солидарноста во вакви услови е навистина важна, информира Османи.
Министерот за надворешни работи повтори дека досега ниту еден државјанин кој дошол од Украина во земјава, не побарал статус на бегалец на самата граница. Тие, нагласи, се сместуваат кај роднини или пријатели, и потоа евентуално се пријавуваат во Црвен крст доколку имаат некаква потреба.