Законот за заштита на лични податоци да не се имплементира во приватните здравствени установи со мал број вработени, бараат Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката комора, бидејќи сметаат дека обврските кои произлегуваат од овој закон создаваат дополнителни административни обврски, како и непотребно финансиско оптоварување.
Како што наведуваат во заедничко соопштение трите комори, заштитата на личните податоци на пациенти е регулирана и имплементирана како приоритет во работењето на здравствените установи согласно со строгите прописи кои произлегуваат од Законот за здравствена заштита.
Законот за заштита на лични податоци наметнува неразбирливи и сложени постапки и процедури за здравствените работници. Во здравствените установи со двајца вработени, доктор и медицинска сестра, или фармацевт и фармацевски техничар, нема кој да биде обработувач на лични податоци, кој да е офицер за тајност на лични податоци, а кој контролор. Исто така, изготвувањето на сите интерни акти, процедури и одлуки, изработката на документацијата за технички и организациски мерки или криптирањето, за малите приватни здравствени установи се дополнителна обврски и голем ангажман за малиот број вработени. Докторот и медицинската сестра, односно фармацевтот и фармацевскиот техничар и сега имаат обемни административни обврски кон институциите кои ја контролираат нивната работа, а со обврските од Законот за заштита на лични податоци уште повеќе непотребно се оптоварува ефективното време кое треба да биде посветено на пациентите, стои во соопштението.
Воедно, медицинските комори предочуваат и дека со наметнувањето на изготвување на интерни акти, процедури, одлуки и формулари во субјектите од здравството, вештачки се создала и добра почва за пазар за услугите што директно се поврзани со обврските што произлегуваат од Законот за заштита на лични податоци. Посочуваат дека многу поединци, адвокати и фирми се појавиле како понудувачи на услуги за изготвување на правилници кои произлегуваат од Законот за заштита на лични податоци, со понуди со високи суми, што, додаваат, дополнително би го оптовариле и така малиот буџет на здравствените установи.
Исто така, како аргумент кој треба да се земе предвид го посочуваат и тоа што оваа обврска се наметнува во време на пандемија кога здравствените работници се оптоварени со предизвикот да одговорат на зголемените потреби на пациентите поврзани со третман на вирусот.
Докторите на медицина, фармацевтите и докторите по стоматологија имаат дадено Хипократова заклетва и работат согласно медицинската, фармацевтската и стоматолошката деонтологија и етика и заштитата на личните податоци на своите пациенти им е приоритет во работењето, а секоја дополнителна обврска само ги обременува здравствените работници и соработници и здравствените институции, стои во соопштението.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.