Државната изборна комисија ги откажа изборите за Маврово-Ростуше, откако единствениот пријавен кандидат Медат Куртовски од СДСМ, ја повлече кандидатурата обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ за неодговорност, поради тоа што не му одреди противкандидат и изразувајќи стравување дека изборите може повторно да бидат неуспешни, како лани на 17 октомври

Државната изборна комисија (ДИК), на денешната седница, ја запре постапката за избор на градоначалник на Маврово Ростуше.

ДИК го носи овој заклучок поради тоа што досега, по истекот на сите законски рокови, во Општинската изборна комисија нема потврдени листи за градоначалник, по решението од 4 февруари за распишување повторени избори. Спикерот Талат Џафери тогаш распиша избори во Маврово-Ростуше и во Центар Жупа, каде што на локалните избори, лани на 17 октомври, поради многу нискиот одѕив, не беше постигнат цензусот во првиот круг гласање.