Само четири општини раководени од градоначлниците на ВМРО-ДПМНЕ годинава, во време на најголема криза ќе потрошат речиси еден милион евра за партиски вработувања. Изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска на денешниот прес во седиштето на владејачката партија.

„Наместо за конкретни проекти, наместо за помош на граѓаните, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ аздисуваат со парите, ги трошат на непродуктивни расходи и за партиски вработувања„, вели Кузевска.

Таа како пример за недомакинско трошење ги наведе градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски, Орце Ѓорѓиевски градоначалник на Кисела Вода и Александар Стојковски градоначалник на Ѓорче Петров.

Кузевска тврди дека лидерот на партијата ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски молчи за тоа расипништво и подвлекува дека во таа партија ништо не е променето.

„Ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е старата нереформирана партија која неодговорно се однесува со парите на граѓаните а расипништвото е нејзин симбол“, вели Кузевска.