Пред започнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ да се решат сите спорни прашања за да нема никогаш повеќе причини Бугарија да го блокира тој процес, бараат Бугарите од Македонија во писмо испратено до претседателите на двете држави Румен Радев и Стево Пендаровски и до двајцата премиери, Кирил Петков и Димитар Ковачевски.

Работиме и се стремиме кон брза патека, откако ќе се решат проблемите, а не за идни недоразбирања и нови блокади. Аргументите против подлата и недобронамерна позиција чија цел е да ги затвориме очите пред отворените прашања, се многу. Тие имаат за цел да ги игнорираме овие прашања, така што тие или никогаш да не се решат или да станат сериозна замка во процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија. Членството во ЕУ треба да биде резултат на исполнување критериуми и споделување вредности, а не само стремеж за апсорпција на европските фондови“, пишува во писмото што го објави БГНЕС.

Во него се додава дека, базирајќи се на актуелната ситуација со руската инвазија на Украина, одредени сили повикуваат веднаш и безусловно да почнат преговорите меѓу РС Македонија и ЕУ, и покрај тоа што нема напредок по спорните прашања.

„Тие луѓе дејствуваат или наивно или се мотивирани материјално“, се додава во писмото.

Според македонските Бугари, ставањето на нерешените прашања меѓу Софија и Скопје под килимот ќе внесе сериозен проблем во процесот на европска интеграција на Македонија, подготвувајќи ни турско или српско сценарио на преговори кои ќе траат со децении. Затоа поставувањето на нереформирана Македонија на европскиот пат ќе внесе во ЕУ спроведувачи на интересите на Кремљ. Тоа, како што велат, не е од корист за правата и достоинството на Бугарите во Македонија.

„Оставањето нерешени проблеми меѓу Македонија и Бугарија во процесот на преговори не е во интерес ниту на Бугарија ниту на Македонија, ниту на македонските Бугари, туку е во интерес само на оние кои сакаат да го забават или целосно да го блокираат процесот на европска интеграција на Македонија и да создадат нови проблеми меѓу двете држави“, се вели меѓу другото во писмото потпишано од претставници на седум здруженија на македонски Бугари.