Делегација на МАТТО составена од претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски, заменик претседателот и генерален директор на Халкбанка АД Скопје, Билал Суџубаши, заменик претседателот Имер Селмани и членовите на Управен одбор: генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак, генералниот директор на Аџибадем Систина, Ѓун Гунсој, претставникот на Рамстор Македонија, Константин Батунков и извршниот директор на МАТТО, Шахпаз Молалиев денеска остварија средба со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

На средбата, како што се наведува во соопштението МАТТО, премиерот Ковачевски ги истакнал силните заложби на Владата на Република Северна Македонија за уште поголема економска соработка со Република Турција, посочувајќи дека Стопанска комора Македонија -Турција, МАТТО и нејзините членки ги смета како силни и кредибилни партнери за остварување на оваа цел.

Притоа, како што се додава во соопштението, акцент бил ставен на ажурирањето на договорот за слободна трговија и неговата фунција за целосна либерализација и доделување на слободната индустриска зона во Гевгелија на МАТТО.

Покрај разговорите за искористување на кредитите од Турска Еxim Банка, исто така било најавено дека наскоро ќе следува дополнување на Планот за економски раст со нови поволности за поддршка на инвестициите особено во делот на капацитети од обновливите извори во енергетиката за што веќе постои голем интерес од компаниите од оваа дејност во Турција.

Меѓудругото, на состанокот биле оценети и можностите за инвестирање во секторите инфраструктура, транспорт, банкарство, здравство, образование и др.

Од премиерот Ковачевски, како што се наведува во соопштението, делегацијата на МАТТО побарала поддршка и за зголемување на времетраењето на привремените дозволи за работа на странскиот персонал, од 45 на 90 дена. Исто така, на оваа средба била разгледана и можноста за организирање на посета од страна на премиерот Димитар Ковачевски на премиерот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.