За разлика од досегашните преговори кои се водеа на границата со Белорусија, четвртиот круг од преговорите Киев-Москва се одвиваше преку видео конференција. Украинската страна останува на ставот дека политички договор може да се постигне само по итен прекин на огнот и повлекување на руските војници од Украина.
Страните не соопштија дали е постигнат напредок во денешните преговори, но најавија дека разговорите ќе продолжат утре. Украинскиот претседател Зеленски го повтори барањето на Киев безбедносните гаранции да бидат ставени на хартија.
„Мораме да застанеме цврсти за да се бориме и да го постигнеме мирот што го заслужуваат Украинците, искрен мир со безбедносни гаранции за нашата држава и нашите граѓани кои ќе бидат ставени на хартија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина
Претседателот на Украина неколкупати го повтори повикот за средба со Владимир Путин.
„Нашата делегација има јасна задача, да направи сè за да овозможи средба со претседателот. Тоа би била средба која сите ја чекаат. Ова е тежок пат, но тој е неопходен за да се добијат ефективни гаранции“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина
Кремљ не соопшти детали за денешните разговори, а претставниците на украинската делегација ги опишаа како тешки поради различните политички системи на двете земји. На маса е и прашањето за обезбедување храна, вода, лекови и енергија во областите кои се најпогодени од војната. /Алсат.мк
Семра Мусаи