Претставници на македонска и бугарска пошта имаа состанок, на кој договорија соработка. За каква соработка станува збор, открива вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за порталот Нова.тв.

-Директорот Макрадули одржа состанок со својот бугарски колега, на кој покажаа иницијатива и вистинска желба за имплементација на заеднички проекти и нова динамика на соработката помеѓу двете пошти. Поврзувањето и соработката подразбираат и брза комуникација, брз проток на производи и брза размена на пратки и информации.

Јас сум навистина задоволен што двете пошти за краток период покажаа сериозен напредок и стигнаа до потпишување Меморандум за поштенска соработка кој опфаќа развој на меѓународните поштенски услуги и е-трговија. Во периодот што следува очекувам да видиме имплементација на заеднички проекти во рамките на програмите за прекугранична соработка и со користење на претпристапните фондови на ЕУ со кои располага Северна Македонија, Фондот за квалитет на услугата на Светскиот поштенски сојуз, како и меѓусебна поддршка за учество во меѓународни организации и програми од поштенската област и размена на добри практики и знаење за развој на иновативни услуги.

Она што за граѓаните ќе биде вистинско олеснување кога е во прашање намалување на времето потребно за една пратка да стигне од кај нас до Бугарија, е тоа што двете пошти работат на решение пратките директно да се упатуваат кон Бугарија, а не преку Белград како што било до сега, со децении. Во 21 век, во дигитализиран начин на комуникација, навистина не смее ниту една причина една пратка од Скопје до Софија да патува преку Белград. Тоа ќе го промениме во интерес на полесна и побрза комуникација меѓу граѓаните и фирмите и во интерес на европските слободи за непречен проток на стоки, услуги, добра и луѓе.