Руските сили гранатираа џамија во јужниот украински пристанишен град Мариупол, каде што се засолнети повеќе од 80 возрасни и деца, вклучително и турски државјани, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.
Како што пренесе Би-Би-Си, Украина ја обвини Русија дека одбива да им дозволи на луѓето да излезат од Мариупол, каде се заглавени стотици илјади луѓе заробени.
Русија ја обвинува Украина за неуспехот луѓето да се евакуираат.
Украинското Министерство за надворешни работи на Твитер објави дека џамијата Султан Сулејман Величествениот во Мариупол е гранатирана од руски „окупатори“.
– Повеќе од 80 возрасни и деца се кријат таму од гранатирањето, вклучително и државјани на Турција, се вели во извештајот.
Нема детали за загинати или ранети лица.
Москва негираше дека нејзини цели се цивилни области.