Алијанса за Албанците преку соопштение велат дека власта ги залажува граѓаните.

„Шокантното поскапување на нафтените деривати уште еднаш докажа дека одлуката на Владата е само обид за измама на граѓаните и без никаков олеснителен ефект врз домаќинствата. Владата го послуша нашиот предлог за намалување на акцизата и ДДВ-то, но не го прифати целосно тоа што го предложивме, па денеска имаме ефект на драстични поскапувања“, велат од партијата.

Тие ја повикуваат Владата таксативно да ги прифати нивните предлози.

„Акцизата на бензините од 22 денари да се намали на 15 денари, додека на дизелот од 15 до 9 денари. Оваа сума треба да биде фиксна и не треба да зависи од движењата на берзата.  Предлагаме да се намали ДДВ од 18 на 5 отсто, а не на 10 отсто како што предлага Владата. Исто така, вредноста на ДДВ-то треба да се замрзне максимално во цената од 28 февруари, што значи да не се смета за новите поскапувања кои би можеле да дојдат од берзата.
Секој друг експеримент сериозно ќе им наштети на граѓаните и ќе има влијание и на цените на другите производи. Ќе биде бескорисно да се укине ДДВ за прехранбените производи, ако транспортот и енергијата поскапат за производителите“, велат од Алијанса за Албанците.