Во организација на Планинарско-еколошкото друштво „Скопје“, шест велосипедисти од различни балкански земји со велосипед тргнаа од Скопската чаршија кон Чанаккале по повод 18 март, денот кога се навршуваат 107 години од победата во Чанаккале, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во знак на сеќавање на загинатите херои во Чанаккале, велосипедистите од земјите како Северна Македонија, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Санџак, по утринската молитвата, тргнаа земајќи со себе симболично земја од сите држави.
Велосипедистите ќе поминат околу 800 километри, а прва станица по напуштањето на Скопје е градот Ќустендил во Бугарија.
Ќамуран Хирда од Скопје потсети дека многу луѓе од Балканот се бореле и загинале во Чанаккале, нагласувајќи дека ова патување со велосипед се прави за нивни спомен.
„Наша цел е да се потсетиме на мачениците кои паднаа во Чанаккале. Нашето патување ќе трае седум дена и ќе биде во должина некаде до 800 километри. Денеска тргнуваме од Скопје и ќе продолжиме, секој ден имаме околу 110 – 130 километри, а за седум дена ќе стигнеме до Чанаккале“, рече Хирда.
Исмет Шкуљи од градот Завидовиќи, Босна и Херцеговина, рече „Со нас носиме земја од секоја република или држава за да оддадеме чест и внимание на мачениците.“
„Тука сме со пријателите од Скопје, со кои заедно ќе возиме неколку дена“, додаде тој.
Во меѓувреме, скопјанецот Сами Емин, еден од учесниците на бродот „Мави Мармара“ и лице кое испрати хуманитарна помош во Газа, рече дека повод за патувањето со велосипед од Скопје е желбата да не се заборават хероите од Чанаккале.
Тој рече дека за првпат ваква одлука е донесена по обидот за државен удар на терористичката организација ФЕТО од 15 јули 2016 година, истовремено посакувајќи тоа никогаш повеќе да не се повтори.
„Турција даде голем придонес на Балканот во последните 20 години“, рече тој, додавајќи дека Турција повторно се зајакнува.
Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, беше присутен да им посака среќен пат на велосипедистите, истакнувајќи дека ова е многу добра активност и дека Општина Чаир секогаш ќе ги поддржи овие активности кои ќе остават траги во иднина.
„Денеска во раните утрински часови дојдов овде да ги поддржам овие велосипедисти кои по вторпат го реализираат ова патување од Старата чаршија до градот Чанаккале. Секако, имаше пауза од две години поради пандемијата, но убеден сум дека ова ќе биде многу добра традиција“, рече Ганиу.
Среќен пат на велосипедистите им посака и претседателот на Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), Хусрев Емин. МАТУСИТЕБ, исто така обезбедува логистичка поддршка на велосипедистите на нивното седумдневно патување.