Кина одби да ги снабдува руските авиокомпании со делови за авиони, изјави Валериј Кудинов, шеф на одделот за пловидби за авионите на Росавијација. Според него, Русија планира да бара можности за снабдување со делови за авиони во Турција, Индија и други земји.

„Ѝ дадовме инструкции на самата авиокомпанија да утврди од каде има можност да ги набави овие резервни делови. Колку што знам, имаше таква информација дека тие се обратиле на пример во Кина, но Кинезите одбиле“, изјави Кудинов за новинарите.

„Ќе бараме можности преку други земји. Можеби преку нашите партнери – преку Турците, можеби преку Индија. Секоја компанија сама ќе си преговара – ние (Росавијација) едноставно ќе помогнеме да се легализираат овие резервни делови“, рече Кудинов.

На 26 февруари, Европската Унија воведе санкции со кои се забранува испорака на цивилни авиони и резервни делови за Русија, како и нивно одржување и осигурување. Дополнително, санкциите ги обврзуваат закуподавците да ги раскинат постоечките договори со авиокомпаниите до крајот на март.