САД распоредија два нови противвоздушни системи „Патриот“ во Полска, во согласност со посветеноста за бранење на територијата на НАТО, изјави денеска висок претставник на Пентагон.

Овие противвоздушни ракетни системи, вообичаено стационирани во Германија, беа преместени „по барање“ на полските власти, додаде високиот функционер, кој побарал да остане неименуван, јави АФП, пренесува Хина.

– Два системи Патриот сега се распоредени во Полска, соопшти тој. – Нема да откриеме каде се. Но тие се во Полска и се во функција.

Патриот се ракетни системи кои можат да пресретнат и уништат балистички ракети, авиони и крстаречки ракети. Тие се широко користени на Блискиот Исток.

– Тоа е чисто одбранбено распоредување од превентивна природа за да се одговори на секоја можна закана против нас и против сојузничките сили, рече високиот функционер, потсетувајќи на посветеноста на претседателот Џо Бајден на член 5 од Повелбата на НАТО, во кој се наведува дека сите земји-членки мора да му помогнат на сојузник во случај на напад.