Канадскиот премиер Џастин Трудо верува дека Украина може да победи во војната против Русија и дека ќе опстане како суверена земја, но како тоа да се случи со најмала можна загуба останува да се утврди.

Тој верува дека е „несомнено“ можно руската инвазија на соседната земја да биде запрена. Патот до победата е „исклучително нејасен“ за Москва во моментов, рече Трудо денеска на настан на Атлантскиот мост и Минхенската безбедносна конференција во Берлин.

– Владимир Путин направи сериозно погрешни пресметки. Тој ја потцени неверојатната храброст на украинскиот народ, рече Трудо, додавајќи дека лидерот на Кремљ исто така „ја потцени решителноста и единството на демократските сојузници и партнери пред лицето на авторитаризмот“.

Путин, сепак, би изгубил дури и ако неговите војници успеат да ја окупираат Украина поради „осакатувачките санкции што светот ги воведе врз руските лидери и врз руската економија. (…) Русите ќе продолжат огромно да страдаат поради Владимир Путин, рече Трудо, пренесува ДПА.

– Тој не очекуваше дека ќе можеме толку силно да соработуваме заедно на таков недвосмислен начин. И мислам дека тоа е затоа што тој фундаментално погрешно ја разбира силата на демократијата, додаде канадскиот политичар.