Градоначалникот на Суми, Дмитриј Живицки изјави дека Русија бомбардирала населена област во североисточниот дел на градот во текот на ноќта и дека 22 лица биле убиени, меѓу кои и три деца.

„Тие извршија масовно убиство“, рече тој.

„Три бомби во една ноќ. Беше страшна ноќ. Девет лица загинаа во една куќа, шест куќи беа целосно уништени, а уште околу 20 куќи беа делумно уништени“, рече Живитски.

Зеленски вчера изјави дека во нападите врз украинските градови досега се убиени 50 деца.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека Киев ќе се обиде да ги евакуира цивилите преку шест хуманитарни коридори, вклучително и од Мариупол. Таа во видео изјава рече дека украинските вооружени сили се согласиле на прекин на огнот во тие области од 9 до 21 часот. Верешчук притоа и ги повика руските сили да ги исполнат своите заложби за локални прекини на огнот.

Околу 3.000 луѓе веќе се евакуирани од Ирпин, кој, според жителите, беше под најинтензивното руско гранатирање.

„Апелирам до Руската Федерација: Презедовте официјални јавни обврски за прекин на огнот од 9 до 21 часот. Имавме негативни искуства кога обврските што беа преземени не функционираа“, рече Верешчук.

Олександар Лисенко, градоначалникот на Суми, во близина на границата со Русија, изјави дека цивили во приватни автомобили денеска почнале да го напуштаат градот, откако околу 5.000 луѓе успеале да побегнат во Полтава претходниот ден.

Но, илјадници луѓе во Мариупол сè уште се заробени бидејќи нивната рута за излез од градот беше блокирана, а украинската влада ја обвини Русија за гранатирање на областа.