Две лица, од кои еден полицаец од Сарај, но и неодамна фатен наркобос од Грчец со иницијали С.Б., кој требало да биде во куќен притвор, приведени се во полициска станица во Скопје во врска со денешниот вооружен грабеж во Уни банка во Капиштец, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Ги фатила интервентната полиција на МВР.

Додека се во полициска станица, се проверуваат безбедносните камери во банката, за да се потврдат сомневањата дека двете приведени лица имаат врска со грабежот.

Сомневањата произлегле од тоа што при контрола на возилото, во задниот дел биле најдени панцири, ракавици, дуксери со длабоки качулки и други предмети кои асоцирале на опрема за грабеж и насилство.

Но, она што е интересно, е што С. Б. долго време бил недостапен на органите на прогонот, а кога бил фатен, тој од судија од Основниот Кривичен суд, добил само куќен притвор. На барани криминалци со потерница, особено за дела од организиран криминал (шверц на дрога), досега во полициско-обвинителската пракса немало случај да им се дава поблага мерка – куќен притвор, туку право оделе во Шутка.

Грабежот се случи денеска во 12.35 часот. Во Полициска станица Центар било пријавено дека од експозитура на банка на подрачје на Центар три лица со закана со оружје од вработените одземале пари, по што во близина на местото на настанот едно од лицата испукало куршум. Повредени лица нема. МВР соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во врска со приведените наркобос и полицаец кој го возел, МВР нема коментар. Не коментира за за идентитети на приведени лица, оттаму има потврда само дека „има приведено две лица“.