Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешното одбележување на 7 март – Денот на албанскиот учител, што го организираше општина Чаир, истакна дека денешниот датум е празник на секој учител, ученик и на секое албанско семејство.

-На овој ден се потсетуваме на отворањето на првото училиште со настава на албански јазик кое ги постави темелите на албанското образование. Им оддаваме почит на нашите учители, на оние кои дадоа и оние кои сè уште даваат голема жртва додека ја извршуваат најблагородната дејност – образование и воспитување на цели генерации, рече министерот Шаќири.

Тој потсети дека на денешен ден во 1887 година е исполнета иницијативата на група од 135 преродбеници, а со неговото одбележување се чествуваат сите наставници и се подигнува свеста за важноста на образованието на мајчин јазик, како и за важноста на наставниците во севкупниот развој на нацијата.

Шаќири рече дека во текот на вчерашниот ден се сретнал со неколку негови наставници од основното училиште на кои им изразил благодарност за тоа што имале големо влијание во неговото градење како личност, а како што рече, се сеќава на многу нивни зборови и реченици за време на наставата, кои за него претставуваат животен водич.

-Денес повеќе од кога било лично го чувствувам тешкиот товар и одговорноста да се обезбедат подобри услови за образование. Свесен сум дека потребно е да се вложи уште многу труд, но јас сум голем оптимист и верувам дека чекор по чекор ќе обезбедиме уште поквалитетно образование за сегашните и идни генерации, рече Шаќири.