На сите западни компании кои ја напуштија работата во Русија треба да им се национализира имотот во земјата, предложи денеска владејачката партија Единствена Русија.

Високиот функционер на Единствена Русија Андреј Турчак најави дека со напуштањето на рускиот пазар тие компании всушност работат на имагинарен банкрот на земјата и во моментов ги оставаат работниците без работа.

– Западот тргна во војна со санкции против Русија, во која се вклучија не само влади, туку и приватни компании. Некои од нив најавуваат дека ги затвораат своите бизниси и ги затвораат своите компании. Последни соопштија Валио и Паулиг, а вчера Фајзер, рече Турчак.

Според него, во сите случаи се работи за чисто политички решенија.

– Ваквите одлуки на западните компании не се ништо друго освен намерен банкрот. Единствена Русија предлага национализација на нивните погони за време на специјалната операција во Украина, додаде тој.

– Ќе донесеме остри реципрочни мерки, следејќи ги законите во време на војна, рече Турчак.